24фудбал

Горан Пандев нема твитер профил, не потврдил дека гласал за Дел Боске

Дел од македонските медиуми наседнаа на лажен профил на Горан Пандев и објавија дека нашиот фудбалер признал дека гласал за Дел Боске и лажел кога му дал поддршка на Мурињо, вистината е поинаква.

Македонија
Горан Пандев јавно изјави дека гласал за Жозе Мурињо во изборот за тренер на годината а неговиот глас го добил Висенте Дел Боске, со тоа нашиот фудбалер само ја зачини изјавата на Португалецот кој ја обвини ФИФА за нерегуларности во изборот.
 
На оваа изјава на Горан Пандев, ФИФА брзо реагираше и го покажа гласачкото ливче на кое се гледа дека Дел Боске бил изборот на нашиот капитен, a нема глас за Жозе Мурињо.
 
Сомнеж во регуларноста фрли потписот на Горан Пандев, од сликата може да се види дека најверојатно некој друг се потпишал наместо него.
 
Дали тоа бил некој од ФФМ или можеби ФИФА, не знаеме, но знаеме дека Горан Пандев нема твитер профил и не потврдил дека гласал за Дел Боске, нешто на кое наседнаа голем дел од медиумите.
 
Нашиот најдобар фудбалер вечерва го очекува тежок натпревар за македонската репрезентација, па изнесување на невистини поврзани со неговото име можат само негативно да влијаат на неговиот фокус кон дуелот со Белгија.
 
Пред една година низ медиумите се појавија цитати превземени од истиот профил во кои Пандев вели дека не сака да се врати во Интер, но потврди интерес од Севиља.
 
Тогаш нашиот репрезентативец изјави: Немам ниту профил на Twitter, ниту на Facebook. Тие зборови не се мои, па она што беше напишано не е вистинито. Очигледно е дека некој се шегува на моја сметка".
 
Пред некое време и неговиот агент потврди дека Пандев нема профил на социјалните мрежи, а доколку скролнете по посочениот твитер профил на Горан, многу лесно ќе заклучите дека не е негов.