24фудбал

Обвинителството бара пет ипол години затвор за Хенес

Денеска се очекува пресудата во процесот против претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес, обвинителот Аким вон Енгел бара затворска казна од пет ипол години

Германија

Фудбалската легенда на ’Баварците’ минатата година призна дека имал сметка во Швајцарија и затајувал данок.

Во понеделникот започна судскиот процес, на кој беа презентирани докази дека Ули Хенес од 2003 па наваму затаил данок во износ од 27,2 милиони евра, а не од 3,5 милиони евра како што се чинеше во прв момент.

Претседателот на ’Баварците’ се надеваше дека со целосна соработка и откривање на сите детали ќе избегне затворска казна, но обвинителството вели дека доказите што тие ги приложиле на рочиштето фрлаат сомнеж врз соработката и транспарентноста на Ули Хенес.

Медиумите од Германија велат дека големи се шансите тој да добие затворска казна, а обвинителството бара Ули Хенес да помине пет ипол години зад решетки.

Се очекува попладнево судот да донесе пресуда за случајот, кој привлече големо внимание во Германија и продонесе огромен број на Германци да си ги подмерат сметките кон даночните власти со цел да избегнат тужба.