24фудбал

Пандев сака перманентен трансфер во Наполи

Агентот на Горан Пандев, Карло Палавичино вели дека неговиот клиент е отворен за перманентен трансфер во Наполи

Италија

Македонскиот репрезентативец се пресели на Сан Паоло во последните денови од летниот трансфер период на едногодишна позајмица од Интер.

Во својот нов клуб, Горан Пандев се мачеше со формата во првите неколку месеци, но напаѓачот на вчерашниот натпревар против Јувентус, во два наврати успеа да се запише во листата на стрелците.

По натпреварот Пандев истакна дека неговата напорна работа конечно се исплатела и им се заблагодари на сите за укажаната поддршка.

Денеска се огласи и агентот на македонскиот репрезентативец, кој истакна дека Пандев е задоволен од престојот на Сан Паоло и е отворен за перманентен трансфер во Наполи.

Карло Палавичино за медиумите од Италија рече: “Со оглед на добриот однос што претседателот на Наполи (Аурелио Де Лаурентис) го има со претседателот на Интер (Масимо Морати), постои можност да биде постигнат договор за перманентен трансфер.”

“Секако, доколку се укаже една ваква зделка, ние ќе бидеме многу среќни.”

“Во моментов, задоволни сме што овој трансфер се покажува како важен за Наполи.”

“Кога ќе пристигнете во Неапол, не сакате да заминете.”

“Горан се повеќе е убеден дека сака да остане во редовите на Наполи, покрај се, во Неапол му се роди второто дете.”