24фудбал

Горан Пандев му даде два гола на Јувентус, Наполи пропушти победа!

Горан Пандев вечерва блескаше на Сан Паоло постигнувајќи ги своите први погодоци за Наполи кој пропушти победа во дерби натпреварот против Јувентус

Италија
Одличен натпревар за Горан Пандев, нашиот интернационалец постигна два гола против Јувентус, во натпревар кој заврши без победник 3-3.
 
Наполи на два пати имаше предност од два гола разлика, но не успеа да ги освои трите бода.
 
Возбудувањата започнаа во 16. минута кога беше досуден пенал за Наполи, Хамшик погоди во првиот обид, но судијата го врати ударот поради прерано влегување во шеснаесетникот на некој од фудбалерите.
 
Во вториот обид Хамшик биеше над голот на Џиџи Буфон со што пропадна голема шанса за Наполи да го отвори резултатот.
 
Но само седум минути подоцна, Хамшик со глава реализира погодок за водство на Наполи од 1-0.
 
Течеше 40 минута кога Горан Пандев го постигнува својот деби гол за Наполи за предност на домаќините и од 2-0.
 
По само три минути игра во вториот дел, Матри постигнува гол за Јувентус и ја враќа неизвесноста на натпреварот.
 
Во 68. минута по асистенција од Маџо, Горан Пандев постигнува прекрасен погодок и му носи водство на Наполи од 3-1.
 
Три минути подоцна нашиот фудбалер беше изваден од игра, на негово место влезе Сантана.
 
Во следниот напад Јувентус постигнува гол, Естигарибиа реализира и намалува на 3-2.
 
На десет минути пред крајот на натпреварот, Пепе израмнува на 3-3 и го поставува конечниот резултат.
 
Наполи може да жали за пропуштени големи три бода, Пандев ќе биде задоволен од својот одличен настап со кој најавува враќање во својата најдобра форма. 
 
Јувентус и по жешкото гостување на Сан Паоло останува единствениот тим без пораз во Серија А.