24фудбал

Разочарувачки настап на Македонија, пораз од Шкотска

Македонската фудбалска репрезентација одигра под потребното ниво и претрпе пораз од Шкотска кој не одалечи од посакуваното трето место на табелата.

Македонија
Доаѓањето на Чеде Јаневски на почетокот донесе позитивна енергија во националниот тим, но како одминуваше времето така почнаа да стануваат бледи изданијата на македонската репрезентација.
 
Се вративме онаму каде што бевме, само со некој повремен блесок, без континуитет на добри игри и резултати.
 
По победата над Велс се надевавме дека ќе сврземе два позитивни резултати во низа, но Шкотска уште еднаш ни покажа дека нема напредок во нашата репрезентација.
 
Шкотска поведе во 60. минута со погодокот на Ања по еден брз против напад, успеавме да израмниме преку нововлезениот Костовски во 84. минута.
 
Кога се надевавме дека можеме и до комплетен пресврт, Малоуни со одличен погодок од слободен удар и донесе победа на Шкотска.
 
Боде во очи потегот на Јаневски кој во 42. минута од игра го повлече Давид Бабунски, не можеше ли селекторот да почека уште три минути за да ја направи замената.
 
Бабунски не беше на посакуваното ниво, но не беа ниту неговите соиграчи, потегот на селекторот на три минути до крајот на полувремето да го извади младиот фудбалер кој штотуку започнува да го живее репрезентативниот сон е крајно разочарувачки.
 
Како одминува времето, станува јасно дека Јаневски нема идеи како да донесе напредок во националниот тим, постојат реални шанси овие квалификации да ги завршиме и под четвртата позиција.