24фудбал

Баерн Минхен е новиот шампион на Европа!

Со гол на Робен во самиот финиш од натпреварот, Баерн Минхен со 2-1 ја победи екипата на Борусија Дортмунд и го освои големиот трофеј од Лигата на Шампионите.

Лига на Шампиони

Во своето трето финале во последните четири години, Баерн Минхен успеа да ја освои Лигата на Шампионите.

Аријан Робен кој важеше за трагичар во финалињата како за Баерн така и за Холандија, овој пат е херојот на Баварците.

Со мајсторски гол на Холанѓанецот, Баерн Минхен дојде до голем триумф со кој привршуваат една перфектна сезона.

Капата доле за Борусија Дортмунд, Милионерите направија огромен успех со пласман во финалето од Лигата на Шампионите, атакуваа и на трофејот, но успешната приказна не беше комплетирана со најголемата круна.

Борусија Дортмунд имаше одличен почеток на натпреварот, Баерн Минхен беше во подредена улога.

Жолтите пропуштија неколку можности, подоцна играта се префрли на половината на Дортмунд.

Вајденфелер бранеше извонредно, Аријан Робен пропушти две идеални шанси за погодок.

Израмнето првото полувреме, со периоди и на двете екипи.

Во вториот дел Баерн Минхен беше тимот кој доминираше на теренот, Борусија Дортмунд потешко доваѓаше до голот на Нојер.

По 15 минути игра во второто полувреме, по асистенција од Робен, Манџукиќ постигна гол за водство на Баерн Минхен од 1-0.

Осум минути подоцна пенал за Борусија Дортмунд, старт на Данте врз Ројс, Никола Рицоли оправдано покажа на белата точка, фудбалерот на Баерн може да биде задоволен што не доби втор жолт картон.

Брзо по примениот погодок Баерн Минхен ја врати доминацијата на теренот.

На минута до истекот на регуларниот дел, одличен потег на Робен и убав погодок кој значеше победа од 2-1 и трофеј во Лигата на Шампионите.

Заслужен триумф на Баерн Минхен кој покажа најмногу во Лигата на Шампионите оваа сезона.