24фудбал

Борусија Дортмунд во финалето од Лигата на Шампионите

Борусија Дортмунд е првиот патник во финалето од Лигата на Шампионите, Реал Мадрид славеше со 2-0, пирова победа за Кралевите.

Шпанија

Реал Мадрид и Борусија Дортмунд одиграа натпревар со возбудлив финиш, Кралевите победија со 2-0, Германците со вкупни 4-3 се пласираа во финале.

Борусија Дортмунд со одлична предност отпатува на Сантијаго Бернабеу, на Реал Мадрид му беше потребна победа од три гола разлика.

Кралевите фуриозно го започнаа натпреварот, но Борусија Дортмунд успеа да одолее на првичниот напад на домаќините.

Игуаин, Озил и Кристијано Роналдо промашија фантастични можности за погодок, Вајденфелер беше на висина на задачата.

Гол во оваа фаза од натпреварот за Реал Мадрид ќе дадеше сосема поинаква нота на натпреварот, но тоа не се случи.

Како одминуваше натпреварот Борусија Дортмунд ја стабилизираше играта, Реал Мадрид потешко создаваше прилики за гол.

Во второто полувреме Реал Мадрид очекувано ја имаше иницијативата, но првите шанси беа на страна на Дортмунд.

Гундоган пропушти идеална прилика, а Левандовски ја погоди пречката од голот на Диего Лопез.

Во 83. минута Карим Бензема постигна гол за водство на Реал Мадрид од 1-0, погодок за надеж дека може да се дојде до посакуваниот резултат.

Пет минути подоцна Рамос погодува за 2-0, ерупција на Сантијаго Бернабеу, Реал Мадрид поведе со 2-0 и дојде на гол до пласман во финалето.

Но до крајот на натпреварот немаше трет погодок, Борусија Дортмунд е тимот кој се радува и сосема заслужено обезбеди пласман во големото финале.

Се чини дека тука некаде и дефинитивно е крајот на приказната на Жозе Мурињо во Реал Мадрид, Португалецот не успеа да ги даде очекуваните резултати.