24фудбал

ФИФА: Пандев гласал за Дел Боске

Светската куќа на фудбалот стои на ставот дека Висенте Дел Боске бил првиот избор на капитенот на Македонија, Горан Пандев во изборот за најдобар тренер во годината

Останато

Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо во вторникот ја обвини ФИФА за нерегуларност при изборт на најдобар тренер во годината.

Португалецот истакна дека неколку луѓе му се јавиле и му кажале дека гласале за него, но на крајот нивниот глас завршил на друго место.

Капитенот на Македонија, Горан Пандев вчера ја поддржа ваквата теорија на ’Специјалниот’ и за медиумите од Шпанија изјави дека неговиот прв избор бил Жозе Мурињо, а не Висенте Дел Боске.

Новинската агенција DPA денеска стапила во контакт со светската куќа на фудбалот, и добила одговор дека нема ништо спорно околу гласот на Горан Пандев.

ФИФА соопштила дека напаѓачот на Наполи гласал за Висенте Дел Боске, Роберто Манчини и Јирген Клоп, и уверила дека го поседува факсот што на 9. ноември минатата година го добила од Фудбалската Федерација на Македонија.

Документот, на кој биле гласовите на селекторот Чедомир Јаневски и капитенот Горан Пандев бил потпишан од двајцата, како и од генералниот секретар на ФФМ.

ФИФА нема намера да покрене истрага, и доколку контроверзијата продолжи, ќе биде приморана да го објави факсот од Фудбалската Федерација на Македонија.