24фудбал

Бабунски: Најважно е да ги победиме Фарските Острови

Селекторот на македонската репрезентација до 21 година вели дека најважно е да се забележи победа над Фарските Острови, па потоа погледите ќе се насочат кон Данска.

Македонија
Македонија до 21 година утре игра против соодветната селекција на Фарските Острови, па на 15. ноември ја пречекуваме Данска која според Бабунски е најсилната селекција во нашата група.
 
Селекторот вели дека најважно е да се победи репрезентацијата на Фарските Острови, па подоцна мислите ќе се насочат кон Данска.
 
"Се подготвуваме внимателно за двете средби. Репрезентацијата на Ф. Острови според нашите анализи не е ни малку наивна екипа и затоа сериозно работиме на играта на нашиот тим како и на воочување на слабостите на противникот" - вели Бабунски.
 
"За нас најважно е да забележиме победа со која ќе бидеме во посакуваната позиција за многу потешкиот дуел со репрезентацијата на Данска која според мене е најсилна во групата".
 
"Добро е што во нашите редови немаме повредени играчи , значи сите оние со кои работевме во изминатата година ни се на располагање со исклучок на Ферхан Хасани кој првите три дена ќе работи со А-тимот а потоа в сабота ќе ни се приклучи нам за дуелот со данците. Тоа е желба на селекторот Тошак и ние ќе ја почитуваме бидејќи А-тимот секогаш има предност без разлика дали се работи за квалификациски или пријателски дуел."
 
Бабунски се осврна и на неговиот статус во сениорскиот тим и разните шпекулации во фудбалската јавност.
 
" Јас само ги спроведувам упатствата од раководството на ФФМ и барањето на Џон Тошак да бидам дел од стручниот штаб , пред се да му помогнам во подоброто запознавање со репрезентативците и што е поважно во пренесувањето на неговите идеи и барања кај фудбалерите".
 
"Мислам дека непотребно се форсираат некои тврдења за подметнување на играчи, или дека имало „случај" Хасани. Ние работиме исклучиво за доброто на македонскиот фудбал и резултатите на националните екипи".
 
" Јасно е дека за мене како селектор на репрезентацијата до 21г. е важно да ги имам на располагање сите млади играчи кои ми се потребни , така беше и со Хасани кој не отпатува за Ерменија бидејќи паузираше поради замор и повреда на подготовките, но изрази потоа желба да помогне колку може на дуелот со Србија на кој постигна и гол".
 
"Тврдам дека дел од играчите од младата селекција имаат потенцијал и според своите карактеристики се многу покорисни од некои репрезентативци за кои постојано читам по медиумите и од тие причини јас вклучив некои од нив во А-тимот на пријателскиот дуел со Азербејџан. Потоа по доаѓањето на Тошак на функцијата му ги препорачав и нему".
 
"Тошак е искусен тренер и славно фудбалско име и сигурно има зацртано план по кој работи. Мислам дека кога добро ќе ги запознае и ќе им пружи шанса на сите потенцијални репрезентативци ќе селектира 20-тина од нив со кои ќе стартува во следниот квалификациски циклус-рече Бабунски".