24фудбал

Македонија ремизираше на гостувањето кај Шкотска

Македонија одигра 1-1 на гостувањето кај Шкотска, но избраниците на Чеде Јаневски можат да жалат што не ги освоија трите бода

Македонија

Со храбра и офанзивна игра, ’Црвено-жолтите’ ја надиграа Шкотска, но поради едно невнимание во одбраната и две нереализирани 100% шанси, Македонија на крајот мораше да се задоволи само со бод.

Од самиот старт, избраниците на Чеде Јаневски извршија притисок врз домаќините, а ваквата игра резултираше со водство од 1-0 за Македонија.

Во 11. минута, по едно двојно проигрување помеѓу Тричковски и Демири, напаѓачот на Клуб Бриж влезе во шеснаесетнико, испрати топка по земја во срцето на петерецот, а Николче Новески со правовремена реакција ја затресе мрежата на Шкотска.

По половина час игра, Македонија требаше да има предност од 2-0. Горан Пандев се ослободи од двајца чувари, го проигра Ибраими, кој се најде пред голманот на Шкотска, но МекГрегор успаа да ја сочува сопствената мрежа.

Кога се чинеше дека нашите репрезентативци ја имаат контролата на натпреварот и рутински ќе го привршат првото полувреме, домаќините стигаа до изедначување.

По една неуспешна офсајд стапица, Шиков не го пресече додавањето во форот за Меки, кој несебично го прогира Кени Милер за 1-1 во 43. минута.

Ваквиот погодок не влијаеше негативно врз нашите репрезентативци, кои продолжија да напаѓаат и во вториот дел.

По еден брз против напад во 57. минута, Георгиевски се најде во шанса за гол, но голманот МекГрегор одново беше поуспешен.

60 секунди подоцна, Македонија имаше нова прилика за погодок, но ударот на Хасани од врвот на шеснесетникот заврши во стативата.

Во 72. минута, ’Црвено-жолтите’ повторно стигнаа до 100% шанса за гол. Пандев одлично го уфрли Ивановски, кој се најде очи во очи со голманот на Шкотска, но биеше лошо и му дозволи на МекГрегор да интервенира.

До крајот на натпреварот, нашите фудбалери умешно ја контролираа играта, и не дозволија Шкотска да се најде во шанса за гол.

Следниот месец Македонија ја очекуваат два тешки дуели со Хрватска и Србија, но со прикажаната игра во Глазгов можеме да очекуваме поволни резултати.