24фудбал

Официјално: Џовинко се врати во Јувентус

Јувентус потврди дека Себастиан Џовинко се враќа во клубот, откако тие и Парма постигнале договор за трансфер на фудбалерот

Италија

Лидерите на двата клуба оваа недела имаа средба по која сите медиуми од Италија објавија дека Себастиан Џовинко се враќа во Јувентус.

Ваквата зделка во еден момент беше потврдена и од Парма, но подоцна тимот од Енио Тардини истакна дека тоа било грешка и се извини за настанатото недоразбирања.

Но трансферот сега официјално е потврден, откако Јувентус попладнево соопшти дека Себастиан Џовинко следната сезона одново ќе го носи дресот на ’Бјанконерите’.

“Јувентус може да соопшти дека ко-сопственоста на Себастиан Џовинко ја реши во своја корист. За купување на преостанатите 50% од сопственоста, Јувентус на Парма ќе и исплати 11 милиони евра во следните три фудбалски сезони.” – гласеше соопштението на ’Старата Дама’.

“Договорот на фудбалерот е со трајност до 30. јуни 2015.”

Италијанскиот репрезентативец имаше две одлични сезони во дресот на Парма, па го привлече вниманието на неколку клубови, помеѓу кои и Интер.

Но Јувентус не дозволи популарната ’Атомска Мравка’ да се пресели во редовите на нивните лути ривали.