24фудбал

Гвардиола го напушта кормилото на Барселона

Пеп Гвардиола му соопштил на раководството на Барселона дека ќе го напушти клубот по крајот на оваа сезона, утре одлуката и официјално ќе биде потврдена.

Шпанија
Пеп Гвардиола ја напушта Барселона по завршувањето на оваа сезона, информираат шпанските медиумите.
 
Гвардиола му ја соопштил својата одлука на раководството на клубот и  утре заедно со претседателот Сандро Росел на прес конференција и официјално ќе го потврдат неговото заминување.
 
Иднината на Гвардиола подолго време беше мета на шпекулации откако стратегот одбиваше да потпише нов договор во текот на сезоната, оставајќи ја одлуката за по завршувањето на кампањата.
 
Откако ја загубијата титулата од Реал Мадрид во Ла Лига и беа елиминирани од Лигата на Шампионите од Челзи, сезоната за Барселона е речиси завршена, па Пеп ја донел својата одлука и му ја соопштил на претседателот.
 
Се верува дека тој ќе направи едногодишна пауза од фудбалот, па потоа ќе се врати на работа.
 
Sky Sports шпекулира дека Гвардиола сака да се проба во Премиерлигата.
 
Неговото име се поврзуваше со Манчестер Јунајтед (наследник на Ферги) и Челзи, но интерес сигурно ќе има и од богатиот Сити како и Ливерпул.
 
Во медиумите четири кандидати се вртат како можни наследници на Гвардиола на клупата на Барселона, Марсело Биелса, Андре Вилаш Боаш, Лорен Блан и Ернесто Валверде.
 
Во четири години на клупата на Барселона, Гвардиола два пати ја освои Лигата на Шампионите, три пати триумфираше во Ла Лига, еднаш го освои Купот на Кралот а ќе има уште една можност да го направи тоа бидејќи Каталонците и оваа сезона играат во финалето.
 
Барса со Гвардиола освои и два Супер Купа на УЕФА како и две титули на Светското Клупско Првенство.