24фудбал

Гвардиола: Ќе го поминеме Челзи

Пеп Гвардиола е убеден дека Барселона ќе го елиминира Челзи и ќе се пласира во финалето од Лигата на Шампионите.

Лига на Шампиони
Утре Барселона го пречекува Челзи во реванш полуфиналниот натпревар од Лигата на Шампионите, Каталонците имаат негатива од 1-0.
 
Невообичаено за Барселона, во овој дуел влегува по два порази во серија, па желбата за успех е огромна.
 
Пеп Гвардиола има голема доверба во своите фудбалери и не се сомнева дека токму тие ќе играат во финалето на Алијанц Арената во Минхен.
 
"Верувајте ми, ќе успееме утре. Имам стотина причини за да верувам во тоа, овие фудбалери ќе го победат Челзи" - уверен е Пеп Гвардиола.
 
"Сите наши полуфинални натпревари биле многу тешки и знаеме дека првиот натпревар против Челзи беше разочарувачки".
 
"Но знам дека утре ќе ги елиминираме, знам што можат да направат моите фудбалери. Ќе играме на победа. Не се сомневам дека ќе бидеме во финалето во Минхен".
 
"Не знам дали ова е мојот најголем предизвик како тренер. Секогаш сум ги прифаќал предизвиците со оптимизам бидејќи имам верба во овој тим, во овие фудбалери".
 
"Без разлика дали ќе изгубиме или ќе одиграме нерешено, тоа боли неколку дена, но со верба и оптимизам знам дека ќе направиме се што можеме".
 
"Треба да бидеме внимателни, ги знаеме квалитетите на Челзи и треба да најдеме начин да креираме шанси и да постигнуваме голови. Треба да размислуваме за начинот како да ги поминеме, тоа е клучно, да видиме на кој начин можеме да им дадеме голови и да избегнеме опасност по нашиот гол од нивна страна".
 
"Невозможно е да не бидете возбудени пред овој натпревар. Фудбалерите се луѓе и тие сакаат да играат добро и да ги освојуваат натпреварувањата".
 
"Многу е лесно да им кажам да не бидат возбудени, нервозни или да не губат топки, но треба да научиме како да се справуваме со овие ситуации и тие доволно добро знаат како се играат овие натпревари".