24фудбал

Рамос: Имаме почит кон Баерн, но нашата цел е финале од ЛШ

Серхио Рамос очекува тежок дуел на гостувањето во Минхен, и додава дека во овој момент тие се фокусираат само на Лигата на Шампионите и средбата со Баерн

Лига на Шампиони

Пред Реал Мадрид е клучен период во сезоната, борбата за трофеите од Ла Лига и Лигата на Шампионите.

Помеѓу двете средби со Баерн Минхен во полуфиналето од најелитното Европско натпреварување, Кралевите во сабота имаат и дуел со Барселона на Камп Ноу.

“Потребно е да не го заборавиме значењето на средбата со Баерн.” – рече 26 годишниот Серхио Рамос на вчерашната прес конференција.

“Не треба да мислиме на Барселона, или пак на титулата во Ла Лига.”

“Пред нас е полуфинале од Лигата на Шампионите против Баерн Минхен. Играме против тим од светска класа.”

“Имаме голема почит кон Баерн, но нашата цел е пласман во финале. Средбата ќе биде тешка, но во денешно време нема лесни средби, особено не во полуфинале од Лигата на Шампионите.”

“Ќе треба да бидеме максимално фокусирани. Баерн има многу квалитет во составот, фудбалери како Арјен Робен или Марио Гомез, кои можат да направат разлика.”

Рамос исто така истакна дека тие се среќни што за тренер го имаат ’Специјалниот’.

“Мурињо е топ тренер.” – додаде дефанзивецот. “Среќни сме што го имаме во Мадрид, и секој ден работиме со него.”

“Многу научивме од него. Многу работи се променија по неговото доаѓање, како што се тренинг методите и перформансите на фудбалерите. Бројките зборуваат сами за себе.”