24фудбал

Хејнкес: Финале на домашен терен е шанса која се укажува еднаш во животот

Тренерот на Баерн Минхен, Јуп Хејнкес очекува спектакуларен дуел против Реал Мадрид и вели дека настап во финале на домашен терен е шанса која се укажува еднаш во животот.

Лига на Шампиони
Баерн Минхен вечерва го пречекува Реал Мадрид во првата мега пресметка од полуфиналето во Лигата на Шампионите.
 
Баварците оваа сезона имаат посебни мотиви, финалето од големото натпреварување се игра на нивниот стадион.
 
"Ќе видиме два тима кои се во добра форма, за мене нема фаворит во ова полуфинале" - смета тренерот на Баерн Минхен, Јуп Хејнкес кој во сезоната 1997-98 го предводеше Реал Мадрид.
 
"Добро го познавам Реал Мадрид, тие многу напредуваа оваа сезона, нивниот напад е импресивен. Очекуваме многу офанзивна игра од нив, особено во Мадрид".
 
"Кристијано Роналдо ќе почне на левата страна, но тоа е фудбалер кој можете да го видите секаде на теренот, па нема да може само Филип Лам да го чува, целиот тим ќе мора да се брани од него".
 
"Се е прашање на тоа како тимот ќе влезе во овој натпревар. Ние имаме стратегија, но на крајот одлучуваат фудбалерите на теренот".
 
"Тоа што финалето оваа сезона се игра во Минхен е дополнителна мотивација за нас. Моите фудбалери имаат самодоверба и се многу мотивирани. Сите се фокусирани, момците сакаат да ги исполнат своите соништа и да играат финале во Минхен. Шансата да играте финале дома се укажува еднаш во животот".
 
"Притисокот сеуште е висок за нас. Ја пропуштивме титулата во Бундеслигата, но има уште две титули за кои се бориме и мора да бидеме фокусирани на тоа. Останатото мора да го заборавиме".
 
"Има големи очекувања во пресрет на натпреварот. Ќе видиме спекракуларен натпревар, не само во нападот, туку и во дефанзивата. Очекувам многу интересен дуел".