24фудбал

Челзи се врати на победничките патеки

Челзи со 3-0 славеше на Стемфорд Бриџ во дуелот со Болтон и прoкнижи три бода со кои одново се најде во топ четири на табелата

Англија

Андре Вилаш Боаш беше под голем притисок во пресрет на натпреварот со Болтон, но Португалецот ќе може малку послободно да дише во следниот период.

Откако првото полувреме заврши без погодоци, Челзи дојде во водство по само три минути игра во вториот дел.

Резултатот го отвори Давид Луиз, кој одлично ја пласираше топката во левиот агол на гостинскиот голман Богдан.

По еден час игра, ’Сините’ имаа водство од 2-0. Лампард изведе корнер од левата страна, а Дидие Дрогба беше највисок во скокот и ја затресе мрежата на Болтон.

Конечните 3-0 беа поставени во 79. минута, кога на асистенција на Мата во листата на стрелците се запиша Френк Лампард.

Њукасл имаше предност од 2-0 во дуелот со Вулверхемтон, но ’Чавките’ на крајот мораа да се задоволат само со бод.

Јануарското засилување, Папис Сисе одлично се снајде во 6. минута и ја смести топката во мрежата на гостите за водство од 1-0 на Њукасл.

Со одличен удар од 20 метри, Гутиерес зголеми на 2-0 во 18. минута.

Но на стартот од вториот дел, Мет Џарвис го изедначи резултатот, а Кевин Дојл во 66. минута успеа да се избори за 2-2 и значаен бод за Вулверхемптон во борбата за опстанок.

Фулам го доби дербито на западен Лондон со КПР, и славеше со минимални 1-0. Стрелец на погодокот вреден три бода беше новото засилување Павел Погребњак.

ВБА продолжува со импресивната голгетерска форма и со 4-0 славеше во дуелот со Сандерленд.

Петер Одемвинге, кој постигна хет-трик минатото коло, денеска беше двоен стрелец. По еднаш во листата на стрелците се запишаа и Џејмс Морисон и Кеит Ендрус.

Средбата помеѓу последно пласираниот Виган и Астон Вила заврши без погодоци.