24фудбал

Манчини: Тевез може да биде од голема корист

Роберто Манчини вели дека Карлос Тевез би можел да се врати во тимот за две до три недели, и верува дека напаѓачот ќе биде од голема корист во финишот на сезоната

Англија

Откако не успеа да направи трансфер во јануарскиот преоден рок, Аргентинецот минатата недела се врати во Манчестер Сити по неколку месеци поминати во родната земја.

Во вторникот Карлос Тевез конечно се извини за проблемите што ги предизвика во изминатиот период, и со тоа направи значаен чекор кон враќање во тимот на ’Граѓаните’.

Роберто Манчини сега вели дека напаѓачот би можел наскоро одново да го облече дресот на Манчестер Сити, и верува дека Тевез ќе биде од голема корист во финишот од сезоната.

“Една недела по инцидентот во Минхен имавме средба во мојот дом и му кажав, ’Карлос, извини им се на сите и недоразбирањето ќе биде надминато’. Јас немам никаков проблем со него.”

“Во четврток, ќе се сретнам со него, после тоа, тој ќе може да започне да работи со нас.”

“Мислам дека ќе му бидат потребни две до три недели за да влезе во форма. Откако ќе го стори тоа, ќе може да игра исто како и другите фудбалери.”

Манчини потоа додаде: “Карлос добро го познава тимот. Тимот во последните шест или седум месеци играше добро и е на врвот во Премиерлигата. Ние добро го познаваме Карлос, тој е топ напаѓач. Доколку е во добра форма, мислам дека може да биде од голема корист во следните два месеци.”

“Карлос не може да игра во Лига Европа, но ќе имаме четири напаѓачи за во Премиерлигата, и мислам дека тоа е добро.”

“Доколку сакаме да стигнеме до самата завршница од Лига Европа, ќе биде многу важно да имаме четири напаѓачи.”