24фудбал

Милан ги прекина преговорите за Тевез поради желбата на Пато да остане на Сан Сиро

Александре Пато вели дека не сака да замине од Сан Сиро, па Милан е приморан да ги прекине преговорите за ангажман на Карлос Тевез

Италија

Пред неколку часа се веруваше дека Александре Пато ќе се пресели во ПСЖ во трансфер вреден околу 35 милиони евра, средства со кои Милан ќе го финансира ангажманот на Карлос Тевез.

Адриано Галијани денеска во Лондон на лидерите на Сити им престави прифатлива понуда, и токму кога се чинеше дека Аргентинецот конечно ќе го комплетира трансферот во Милан, ’Росоњерите’ се повлекуваат од зделката бидејќи Александре Пато не сака да замине од Сан Сиро.

“Милан е мојот дом. Не сакам да ставам крај на мојата кариера со ’Росоњерите’ откако ги освоив првите два трофеи во овој дрес.” – рече Пато.

“Сакам да дадам свој допринос во испишувањето на историјата на Милан, и идните успеси на овој клуб.”

“Овој ден е специјален за мене. Му се заблагодарувам на Силвио Берлускони, клубот и фановите кои секогаш веруваа во мене.”

Поради ваквиот став на Бразилецот, актуелниот шампион на Италија ќе мора да ја промени трансфер стратегијата.

Потпретседателот Адриано Галијани рече: “Одлуката на Пато да остане во Милан е комплетно негова.”

“Во овој момент, преговорите за ангажман на Тевез се прекинати. Ова е поради одлуката на Пато.”

Медиумите од Италија пренесуваат дека Милан, по ново настанатата ситуација, одново ќе се насочи кон Макси Лопез од Катанија.