24фудбал

Нека се лади пивото, пред нас е викенд за фудбалските гурмани

Утре и задутре на програмата се неколку големи дерби пресметки на фудбалските терени во Европа кои го привлекуваат вниманието.

Останато

Сабота 16:00 - Реал Мадрид - Атлетико Мадрид 

Дерби викендот започнува со битката за Мадрид. На Сантијаго Бернабеу Реал го пречекува Атлетико. Помалиот клуб од Мадрид во моментов има бод предност пред Кралевите и целта утре ќе биде да се остане непоразен. Реал Мадрид е тој што ќе мора да атакува на целиот плен за да се дограби до втората позиција на табелата. Зинедин Зидан против Диего Симеоне, вистински тест за францускиот стратег.

Сабота 17:00 - Партизан - Црвена звезда

На програмата е и вечното дерби во Србија. Партизн против Црвена звезда. Атмосферата во Белград врие и покрај тоа што нема никаква неизвесност на табелата. Црвена звезда е убедливо прва со дури 29 бода предност пред Партизан. Како и да е, ривалството помеѓу двата тима е повеќе од големо, па сигурно ова е еден од дуелите кои ќе го привлечат вниманието на фудбалската јавност во регионот.

Недела 15:05 - Манчестер јунајтед - Арсенал

Англиска фудбалска класика, Манчестер јунајтед го пречекува Арсенал. Луи ван Гал е под голем притисок, Јунајтед се мачи со повредени фудбалери, но ја посакува победата повеќе од било кога, трите бода се неопходни да се одржи надежта за четвртото место. Арсенал е бодовно изедначен со Тотнем и има два бода помалку од лидерот Лестер, па Топчиите немаат право на киксови доколку сакаат да ја освојат титулата во Премиерлигата. Големо дерби и исклучително важен натпревар и за двете екипи.

Недела 17:30 Ливерпул - Манчестер Сити

Ливерпул и Манчестер Сити на Вембли ќе се борат за трофеј. На програмата е финалето во англискиот Лига Куп. Јирген Клоп цели кон првиот трофеј со „црвените“ а Пелегрини ќе сака со уште една титула да замине од англискиот фудбал. Манчестер Сити има посилен состав, но Клоп е голем стратег и мотиватор кој знае што да им каже на своите фудбалери. 

Недела 20:45 - Јувентус - Интер

Викендот завршува со дербито на Италија. Јувентус во Торино го пречекува Интер. Старата Дама води мртва трка со Наполи за Скудетото и секој кикс може да значи промена на позицијата на табелата. Од друга страна Интер се бори за третото место и враќање во Лигата на шампионите. Јувентус е фаворит поради подобрата форма и домашниот терен, но Интер нема лесно да ја продаде кожата.