24фудбал

Фиорентина како Арсенал, со пресврт и гол во продолжение го совлада Интер (ВИДЕО)

Интер имаше водство по првиот дел, но домаќините стигнаа до трите бода со два гола во второто полувреме.

Италија

„Нераѕурите“ преку Марцело Брозовиќ на асистенција на Родриго Паласио поведоа во 26. минута најавувајќи атак на трите бода. Виола имаше повеќе од играта, но не успеваше да ја затресе мрежата на Хандановиќ сè до 60. минута кога Борха Валеро нечуван од никого со глава постигна гол.

Се чини клучниот момент на натпревар при финалната разврска беше престрогото исклучување на Алекс Телес. Бразилецот во 82. минута одејќи на топка направи фаул над Федерико Бернардески, а судија му покажа втор жолт.

Победничкиот гол за виолетовите го даде Хума Бабакар vo 91. минута откако по одбрана на Хандановиќ топката се одби од него и влезе во голот на Интер.

До последниот свиреж црвен заработи и Мауро Зарате поради задржување на време и физичка агресија врз Хејсон Муриљо, а по крајот на натпреварот црвен доби и Жофре Кондогбија поради тоа што в лице му аплаудираше на главниот судија за неговата бламажа.

Сега Фиорентина се врати на 3. место со 49 бодови, а потоа следуваат Рома 47, Интер 45 и Милан 43.