24фудбал

Михајловиќ: Кај најде Едер баш сега да дојде...

Стратегот на Милан разочаран што трансферот на Едер во Интер не почекал бар до понеделник за да не игра на дербито.

Италија

Недела вечер се игра големото миланско дерби познато како „ил Дерби дела Мадонина“ во кое Милан го пречекува Интер.

„Нераѕурите“ ќе бидат засилени со голгетерот Едер кој најверојатно ќе почне од првата минута во нападот заедно со Икарди и Љајиќ.

Тоа воопшто не му се допаѓа на стратегот на Милан кој го тренираше напаѓачот додека беше во Сампдорија. „Едер е страшен играч кој напред може да игра на било која позиција. Тој е големо засилување за „нераѕурите“, но можеше барем да подзадоцни и да дојде во понеделник. Кај најде баш сега...“

„Го почитувам Интер, им завидувам на пласманот на табелата, но тие се во криза: на последните 5 натпревари освоија само 5 бода. Ќе биде одлучувачко дерби, тој што ќе победи ќе почне да се искачува на табелата, оној што ќе загуби ќе паѓа.“

„Како и да е, ние сме посилни од пред месец дена. Во последните 17 натпревари загубивме само 2 пати.“

Милан и Интер ќе ги вкрстат копјата недела вечер од 20.45 пред преполните трибини на Џузепе Меаца.