24фудбал

Херојско реми на Работнички изборено со десет фудбалери!

Работнички одигра нерешено 1-1 против Рубин Казан во првиот меч од двобојот за пласман во групната фаза од Лига Европа, македонскиот тим речиси 40 минути играше со играч помалку.

Лига Европа
Работнички не успеа да оствари предност на дуелот во Скопје, но македонскиот тим уште еднаш прикажа борбеност и пожртвуваност и успеа со играч помалку да се врати од негатива и да дојде до реми.
 
Првата шанса Работнички ја имаше уште во 12. минута кога Анене биеше од далечина, но голманот Ружиков го одбрани неговиот удар. Шест минути подоцна Маркоски биеше блиску крај гостинскиот гол.
 
Во првиот дел Рубин два пати се закани преку нивниот најистурен напаѓач, Кануников, но и во двата обиди Божиновски беше поуспешен.
 
Текот на натпреварот се промени во 54. минута кога Петровиќ доби втор жолт картон, Работнички остана со играч помалку, Рубин Казан ја превзема иницијативата.
 
Теренската надмоќ гостите ја искористија во 68. минута кога по одлична акција, Карадениз ја затресе мрежата на Работнички за водство на Рубин од 1:0.
 
По примениот погодок Работнички нападна, тргна кон израмнување, противникот се повлече и покрај предноста од играч повеќе. Храбрата игра на романтичарите донесе резултат, во 85. минута, најпрво Алтипармаковски ја погоди пречката, а одбиената топка дојде до Ристевски кој реализираше за 1-1.
 
Овој резултат му оди во прилог на Рубин Казан, но момците на Игор Ангеловски покажаа дека можат и сигурно нема со бело знаме да отпатуваат во Русија.