24фудбал

Отворен судски процес против Сарагоса и 41 лице

Обвинителот Алехандро Лузон пред судот во Валенсија отвори судски процес против фудбалскиот клуб Сарагоса и 41 лице кои се обвинети за местење на натпреварот помеѓу Леванте и Сарагоса

Шпанија

Подолго време се вршеше истрага за дуелот помеѓу Леванте и Сарагоса што се одигра во мај 2011, во рамките на последното коло од сезоната 2010/11.

Сарагоса тогаш стигна до победа од 2-1 и на тој начин обезбеди опстанок во Примера, а Депортиво Ла Коруња се пресели во ранг подолу.

Изминативе два месеци беа земени изјави од преку 20 лици, па обвинителот Алехандро Лузон денеска пред судот во Валенсија отвори судски процес.

Фудбалскиот клуб Сарагоса и 41 лице се обвинети за местење на натпревар.

Селекторот на Јапонија, Хавиер Агире, капитенот на Атлетико Мадрид, Габи и фудбалерот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Андер Ерера се дел од лицата кои се обвинети.

Овинителството верува дека има доволно докази кои укажуваат на тоа дека Сарагоса на играчите на Леванте им исплатила 965 000 евра за тие намерно да го загубат натпреварот.

Доколку бидат прогласени за виновни, на обвинетите им се заканува затворска казна од шест месеци до 4 години, како и суспензија за настап од една до шест години.