24фудбал

Калдерон: Перез мислеше дека Роналдо е прескап

Поранешниот претседател на Реал Мадрид, Рамон Калдерон открива дека Флорентино Перез мислел дека Кристијано Роналдо е прескап и сакал да ги прекине преговорите

Шпанија

Португалецот беше првото големо засилување на Флорентино Перез кога тој по втор пат седна во претседателската фотеља на ’Кралевите’, но зделката беше договорена од неговиот претходник Рамон Калдерон.

Во емисијата Revista на Sky Sports, Калдерон сега открива дека Флорентино Перев во прв момент не сакал да го ангажира Кристијано Роналдо и пробал да ги прекине преговорите со Манчестер Јунајтед бидејќи мислел дека CR7 е прескап.

„Кога Перез стана претседател и дојде во клубот, сакаше да ги прекине преговорите. Мислеше дека играчот е прескап” – вели Рамон Калдерон.

„Знаеше дека се работи за добар играч, но мислеше дека не вреди толку пари. Тој е проблемот што го имаше на почетокот со Роналдо, го знаевме тоа”.

За преговорите што тој ги водел со Манчестер Јунајтед, Калдерон додава: „Преговорите беа тешки”.

„Кога разговарав со Дејвид Гил (поранешниот генерален извршен директор на ’Црвените Ѓаволи’) тој ми рече не”.

„Ми кажа, ’не го продаваме Кристијано, не сакаме да замине’ и тоа беше сосема нормално”.

 „Но самиот играч сакаше да замине. Преговаравме две години. Тој беше подготвен да дојде во 2008, но потоа ми се јави и ми рече ’претседателе жал ми е но не можам да дојдам оваа година, му ветив на Сер Алекс Фергусон, кој ми е како татко. Сепак, не грижи се, ќе дојдам следната година’”.

„Преговараше со Манчестер Јунајтед да замине за 80 милиони евра, го стори тоа во декември”.

Екс претседателот на Реал Мадрид исто така открива дека Сер Алекс Фергусон бил толку гневен на Реал Мадрид што го понудил Кристијано Роналдо на Барселона.

„Фергусон е опседнат со Реал Мадрид, не ги сака ’Кралевите’. Тој рече ’не, Кристијано ќе замине, но не во Реал Мадрид’. Го понудија на неколку клубови, помеѓу кои и Барселона”.

„Барса рече ’во ред, ќе платиме онолку колку што барате’. Но најважно беше тоа што играчот кажа ’ не, Реал Мадрид или ништо’. Тоа беше перфектно”.

„Горд сум што Роналдо пристигна во Реал, горд на она што го прави”.