24фудбал

Расистички навреди за Јаја Туре на Твитер

Медиумите од ’Островото’ пренесуваат дека полицијата била повикана да спроведе истрага откако фудбалерот на Манчестер Сити, Јаја Туре бил расистички навреден на Твитер

Англија

Пред пет месеци, Јаја Туре ја напушти оваа социјална мрежа со цел да се концентрира на мундијалот во Бразил.

Вчера тој одново се врати на Твитер, и ја прослави победата над Манчестер Јунајтед во градското дерби.

„Мило ми е што се враќам на Твитер по вчерашната добра победа” – напиша репрезентативецот на БСК.

„Сега мојот фокус е на следниот натпревар... Среќен понеделник на сите!!”

По само неколку часа од овој твит, Јаја Туре добил навредливи и расистички навреди.

Групата Kick It Out која се бори против дискриминација веднаш го пријави целиот случај во полиција.

„Ја информиравме полицијата за расистичките твитови насочени кон Јаја Туре и му нудиме целосна поддршка на играчот” – напиша KIO на Твитер.

Потпаролот на Kick It Out за медиумите од Англија рече: „До овој момент примивме поплаки за два различни твитa со расистичка навреда на адреса на Јаја Туре и ја информиравме полицијата”.

„Јаја Туре само неколку часа беше на Твитер и веќе доби навредливи пораки”.

„Разочарани сме од фактот што некој е третиран на ваков начин”.

„Фудбалерите почнуваат да се запрашуваат зошто да ја користат оваа платформа”.

„Му нудиме на Јаја Туре целосна поддршка”.