24фудбал

Венгер: Можеме да го стигнеме Челзи

Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер одбива да ги отпише ’Топџиите’ од трката за титулата

Англија

Во пресрет на утрешниот дуел со Барнли, Арсенал е на петтата позиција на табелата со девет бода заостанување за лидерот Челзи.

Многумина веќе ги отпишаа ’Топџиите’ од трката за титулата, но Арсен Венгер верува дека тие можат да ја надополнат предноста на ’Сините’.

„Имам силна верба дека ќе се вратиме, и треба само да го покажеме тоа на теренот” – вели Французинот. „Нема да го отпишам Арсенал. Ќе оставам луѓето да го направат тоа”.

„Многумина мислат дека сме надвор од трката поради простата математика”.

„Но во предвид не е земено тоа со кого игравме, колку пати игравме на гостински терен, каков е квалитетот на екипите со кои ќе играме, на кои фудбалери не сте можеле да сметате на големите натпревари”.

„Во моментов Челзи има солидна предност”.

„Не е реално да мислиме дека за кратко време ќе го стигнеме Челзи. Потребни ни се добри резултати во континуитет со цел да имаме шанса да се вратиме, па мојот фокус е насочен кон квалитетот на играта и конзистентноста”.

Запрашан дали Челзи може да го повтори успехот на Арсенал од сезоната 2003/04 и да остане непоразен, Арсен Венгер одговори: „Премногу е рано да говориме за ова”.

„Одиграни се само девет натпревари, до крајот има уште многу”.