24фудбал

Тошак: Задоволен сум од ремито против Словачка, но мораме многу подобро

Селекторот на македонската репрезентација, Џон Тошак е задоволен од ремито против Словачка, но е свесен дека играта на Македонија во моментов е далеку од задоволителна.

Македонија
Со реми против Словачка, Македонија го заврши најлошиот квалификациски циклус, епизода која не смее да се повтори.
 
Џон Тошак е задоволен од резултатот на вчерашниот натпревар, но е свесен дека Македонија е многу далеку од она што треба да биде.
 
"Задоволен сум од резултатот. Игравме против посилна репрезентација од нас, тим со повисок квалитет. Повторно примивме катастрофален гол, потоа ги охрабривме фудбалерите да тргнат со сите сили кон израмнување и тоа резултираше со погодок" - изјави Тошак на прес конференцијата по натпреварот.
 
"Во првиот дел одигравме добро, применивме систем кој што го вежбавме на последните тренинзи, но тоа траеше само 45 минути, паднавме во вториот дел". 
 
"Сакам да потенцирам дека дури половина од тимот не игра стандардно во своите клубови, и тоа е голем проблем. Во иднина ќе бидат повикани само играчите кои се стандардни во своите екипи и максимално подготвени".
 
Тошак беше запрашан и за настапот на Самир Фазли кој не е стандарден во Херенвен, доби повик и одигра лош натпревар.
 
"Фазли не игра стандардно за својот клуб, но имаше настап за младата репрезентација и затоа го повикав. Имаше желба во него да се докаже, но тоа беше тежок натпревар за него".
 
"За натпреварот против Албанија ќе повикам нови напаѓачи, сакам да ги испробам сите можни опции. Имаме проблеми во офанзивниот дел, нема дилема во тоа".
 
"Мораме да најдаме и квалитетен фудбалер од средниот ред, размислувам и да го повлечам Пандев да игра повеќе во средината. Потребен ни е уште некој кој може да го подигне нивото на овој дел од теренот".
 
"Мораме да ја подобриме и дисциплината на теренот, не смееме лесно да добиваме картони, тоа не чини отсуство на фудбалери а немаме голем избор".