24фудбал

Каранка: Реал Мадрид секогаш оди на победа

Асистент тренерот на Реал Мадрид, Аитор Каранка вели дека Кралевите на секој натпревар одат на победа, така ќе биде и на Ел Класико, но потенцира дека и тој натпревар е вреден само три бода.

Шпанија
Утре на Сантијаго Бернабеу се игра големиот Ел Класико дуел помеѓу Реал Мадрид и Барселона.
 
Кралевите го пречекуваат својот најголем ривал со три бода предност но и натпревар помалку, па притисокот да се победи е на страната на Барселона.
 
Аитор Каранка кој се појави на денешната редовна прес конференција, најави игра на победа против Барселона, потенцирајќи дека иако се работи за големо дерби, вредноста на натпреварот е иста како и на сите други, три бода.
 
"За натпреварот против Барселона се подготвуваме на ист начин како и за сите други, сите натпревари се тешки" - вели Каранка на денешната прес конференција.
 
"Мислам дека сме во добра форма, утре се среќаваме со директниот ривал, но натпреварот е вреден три бода како и секој друг и тоа не може никако да се промени".
 
"Натпреварот ќе биде неизвесен до самиот крај. Тоа ќе биде дуел помеѓу големи фудбалери и одлични тренери кои ќе прикажат многу тактички варијанти".
 
"Ние знаеме како ќе играме. Свесни сме за можностите кои ги има Барселона со користење на тројца одбрамбени фудбалери, дијамант во средниот ред и три напаѓачи. Ние имаме наши сопствени принципи и ја научивме нашата лекција. Ги знаеме сите системи кои Барса би можела да ги употреби и работиме на тоа".
 
"Треба да се фокусираме само на нашиот тим, употребувајќи го нашиот систем и покажувајќи ги нашите принципи, кои ќе останат исти и на овој натпревар". 
 
"Ќе настапиме во систем 4-3-3, со Кристијано Роналдо и Ди Марија по крилните позиции и Бензема или Игуаин како централен напаѓач. Во средината имаме многу опции, но ќе го оставиме тоа за утре, луѓето ќе видат утре со кои ќе настапиме".
 
"За секој натпревар се подготвуваме за да го добиеме, тоа го покажавме и во средата во Амстердам иако веќе бевме пласирани во следната рунда од Лигата на Шампионите. Секогаш играме за да победиме".
 
"Ќе се бориме за трите бода со стартен состав за кој мислиме дека е неопходен за овој дуел, и тоа нема да зависи од бодовната предност која ја имаме во моментов".
 
"Се знаеме сите во тимот веќе година и пол. Обидинети сме и нашата порака секогаш е иста. Сите знаеме каков натпревар не очекува утре. Сега сме подолго заедно, подобро ги познаваме нашите фудбалери, имаме поголема самодоверба и како резултат на тоа бележиме добри резултати. Тоа помага тимот да биде во добра форма".