24фудбал

Гвардиола импресиониран од новата генерација на Барселона

Хосеп Гвардиола е импресиониран од перформансите на фудбалерите од младинскиот тим, по победата на Барселона од 4-0 во дуелот со БАТЕ Борисов

Лига на Шампиони

Каталонците во пресрет на последното коло од групната фаза го имаа обезбедено првото место во Групата Х, па Пеп Гвардиола реши да игра со втор тим на средбата со БАТЕ Борисов.

Стратегот вчера употреби девет фудбалери од Барселона Б, но и покрај тоа, актуелниот шампион во Европа со убедливи 4-0 славеше во дуелот со БАТЕ.

“Ова е заслуга на долгогодишната работа на многу луѓе.” – рече Пеп. “Овие момци, слушаа учеа и ги правеа истите работи во последните пет или шест години.”

“Тие се од голема вредност и се наши бисери. Не е лесно да ставите седум или осум деца во составот и тие да одиграат толку добро. Горд сум од ова.”

“Им реков декa треба да истрчаат на теренот и да се забавуваат, да не бидат исплашени.”

“Важно е тоа што видовме дека тие се способни да играат и дека се подготвени да помогнат кога ќе ни притребаат.”

Стратегот на Барселона потоа додаде: “Никој не знае што носи иднината, но овој клуб направи голем напор за да ги задржи фудбалерите како Марк Барта, Исак Куенка, Серхи Роберто, Марк Муниеса и Рафа Алкантара.”

“Клубот најверојатно ќе зависи од нив и тие се одлична генерација на фудбалери.”

“Исто така сакам да им се заблагодарам на Пинто, Максвел, Фонтас, Педро и Тиаго за сериозноста со која му пристапија на овој натпревар.”

Гвардиола исто така проговори и за дуелот со Реал Мадрид во сабота.

“Сега ќе почнеме да мислиме на натпреварот со Реал Мадрид. Тие имаат одлична сезона и се многу силни. Но ние ќе се обидеме да победиме.”

“Доколку тие победат, ќе имаат огромна предност, и ќе биде тешко да надополниме девет бода.”