24фудбал

Магија на Холандија, Лалињата удрија силно по шампионот

Неверојатен фудбал, неверојатен резултат, Холандија ја победи Шпанија со 5-1, мала слатка одмазда на Лалињата и датум кој ќе биде запишан во нивната историја.

СП 2014

Вистински кошмар за шампионот, Холандија ја нокаутираше Шпанија во првото коло од групната фаза, фантастични 5-1 за портокаловите.

Прекрасен натпревар за Холандија и сите неутрални љубители на фудбалот, но вистински дебакл за светскиот шампион кој ниту во најлошите сни не можеше да го предвиди ова.

А натпреварот не започна лошо за Шпанците, Диего Коста изнуди пенал, Чаби Алонсо реализираше за водство од 1-0.

Пред крајот на првото полувреме, мајсторија на Робин ван Перси, убава асистенција од Блинд, а напаѓачот на Јунајтед постигнува летечки погодок со глава за изедначување.

Во вториот дел Робен ја изигра одбраната на Шпанија и постигна гол за комплетен пресврт и водство на Холандија од 2-1.

Нова контроверзна судиска одлука се случи во 65. минута кога Де Вриј постигна гол за 3-1, на погодокот му претходеше фаул од Ван Перси врз Касиљас кој не беше досуден од Никола Рицоли.

До крајот на натпреварот Ван Перси и Робен погодија уште по еднаш за петарда во мрежата на Икер Касиљас.

Доколку беа поприсебни во завршницата, Холанѓаните можеа уште да ја тресат мрежата на размонтираната Шпанија, но и резултатот од 5-1 е неверојатен.

Моќен старт на светското првенство за Холандија, Шпанија е нокаут, останува да видиме дали ќе се разбуди во дуелите против Чиле и Австралија.