24фудбал

Барса ќе може да купува играчи во летниот преоден рок

ФИФА соопшти дека ја суспендира забраната за настап на трансфер пазарот изречена на Барселона откако ’Каталонците’ денеска доставиле жалба

Шпанија

На почетокот од овој месец, светската куќа на фудбалот ја обвини Барселона за прекршување на правилата при ангажман на фудбалери до 18 години од странство.

’Каталонците’ ги прекршиле правилата за трансфер и регистрација на 10 малолетни играчи.

ФИФА ја казни Барселона со трансфер ембарго, тимот од Камп Ноу доби забрана за купување на фудбалери во два последователни преодни рока.

Актуелниот шампион на Шпанија денеска ја обжали ваквата пресуда, а во исто време Барса побарала од ФИФА да ја суспендира казната се додека не се донесе конечна одлука.

Поради комплексноста на процесот, како и можноста Барселона да достави жалба до Судот за Спортска Арбитража, ФИФА соопшти дека ја става во мирување забраната за трансфери на Барселона.

Па ’Каталонците’ летоска ќе можат да купуваат играчи и да го засилат својот тим.