24фудбал

Кројф: Најдобро за Барса е да се врати Пеп

Легендата на ’Каталонците’, Јохан Кројф вели дека Пеп Гвардиола одново треба да седне на тренерското столче на Камп Ноу

Шпанија

По четири успешни години на кормилото на Барселона, во кои беа освоени голем број на трофеи, стратегот го напушти клубот во 2012.

’Каталонците’ се мачат по заминувањето на Пеп Гвардиола, оваа сезона за прв пат по седум години не успеаа да се пласираат помеѓу четирите најдобри во Лигата на Шампионите.

Битката за титулата во Шпанија речиси е загубена, и единствена шанса за трофеј е Копа Дел Реј, каде во финалето вечерва се среќаваат со големиот ривал Реал Мадрид.

Па затоа се говори за заминување на Тата Мартино по крајот на сезоната, а како негов можен наследник се посочува Јирген Клоп.

Во разговор со El Mundo, Јохан Кројф вели дека најдобро сценарио за ’Каталонците’ е враќање на Пеп Гвардиола.

Холанѓанецот исто така верува дека Хуан Лапорта ќе се обиде да ја реализира ваквата идеја доколку седне на претседателската фотеља.

„Најдобро за Барселона е да се врати Гвардиола” – вели легендата на Барса.

„Доколку Хуан Лапорта одново стане претседател, би рекол дека најдобра работа е да се ангажира Пеп, и со оглед на тоа дека тој е интелегентен човек, сигурен сум дека ќе го стори тоа”.

Кројф исто така верува дека сегашната управа повеќе се интересира за бизнис, па одлуките не ги носат оние кои се разбираат од фудбал.

„Оние што знаат што треба да се прави не се задолжени за носење одлуки. Одлуките ги носат оние кои сакаат да го искористат бизнисот во фудбалот”.

„Кога Лапорта беше претседател, остави одлуките да ги носат оние што го познаваат фудбалот како Чики Бегиристан (поранешниот спортски директор) и Франк Рајкард, а потоа и Пеп Гвардиола”.

„Сите можат да направат грешки, но тие знаеа дека фудбалот ги мотивираше неговите одлуки, а Лапорта беше посветен на претседателската функција и ги штитеше”.

„Затоа функционираа работите. Имаше лоши и добри моменти, но во глобала, беше голем чекор за двете страни”.