24фудбал

Симеоне: Не сум изненаден од интересот на Челзи за Диего Коста

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне вели дека сосема нормално е тоа што ’Сините’ пројавуваат интерес за услугите на напаѓачот Диего Коста

Шпанија

Репрезентативецот на Шпанија игра во одлична форма и е еден од најзаслужните за одличната сезона на Атлетико Мадрид.

Добрите игри придонесоа Диего Коста да биде трансфер желба на голем број клубови, а во последно време се говори дека Челзи нема да штеди пари за ангажман на напаѓачот.

Во емисијата Al primer toque на Ondacero, тренерот на Атлетико, Диего Симеоне изјави дека воопшто не е изненаден од интересот на ’Сините’ за услугите на нивниот најдобар играч, и посочи дека Диего Коста е тој што ќе одлучи за сопствената иднина.

„Се зависи од Коста, и она што тој мисли дека е најдобро за неговата иднина” – вели Симеоне. „Ќе ја поддршам секоја негова одлука”.

„Сосема нормално е тоа што Челзи пројавува интерес за него. Самуел Ето е се постар и Коста може да го замени, но во моментов тој е наш фудбалер”.

Стратегот од Аргентина исто така вели дека Диего Коста има шанси да ја освои ’Златната Топка’ доколку продолжи во ист стил.

„Има простор за подобрување. Малку е бунтовен и ми се допаѓа тоа. Се надевам дека нема да престане да бележи прогрес”.

„Во моментов тој е кандидат за освојување на ’Златната Топка’”.

Напаѓачот во неделата заработи повреда на ногата откако при постигнувањето на вториот гол на Атлетико против Гетафе удри во стативата.

Во прв момент се чинеше дека се работи за посериозна повреда, но деталните тестови покажаа дека не се работи за нешто страшно.

„Не бев загрижен. Габи дојде и ми кажа дека има исекотина. Коста ја ризикуваше ногата, но тој е како бик”.

„Со својот потег, покажа како сакаме да играме на секој натпревар, како да се работи за последен”.