24фудбал

Атлетико Мадрид: Куртоа ќе брани ако се договориме со Челзи

Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Керезо се надева дека Куртоа ќе брани во полуфиналето од Лигата на Шампионите, но вели дека за тоа да се случи ќе треба да се договорат со Челзи.

Лига на Шампиони

Пред почетокот на полуфиналната ждрепка, Керезо откри дека во договорот со Челзи за позајмица на Куртоа, има клаузула според која Атлетико Мадрид ќе мора да плати околу 4 милиони евра по натпревар доколку голманот настапи против Сините.

Претседателот на Атлетико Мадрид изјави дека тие не можат да си ја дозволат таа сума, а на нивна страна застана и УЕФА која објави дека Челзи не смее да бара оштета доколку Куртоа брани.

Но, претседателот на Атлетико, Керезо, вели дека тие сакаат да го имаат Куртоа и следната сезона на позајмица, па не би влегувале во проблеми со Челзи, тој верува дека голманот ќе брани, но најпрво сака да се договорат со англискиот тим.

„Не знам колку пати треба да повторам, Куртоа е фудбалер на Челзи кој игра на позајмица кај нас оваа сезона и ние ќе се обидеме да го договориме и за следната" - вели Керезо.

„Доколку постигнеме договор со Челзи тој ќе брани, тој е фудбалер на Челзи а ние сме џентлмени и ќе го исполниме тоа што сме го потпишале".

„Уверен сум дека тој ќе брани, ќе има договор помеѓу Атлетико Мадрид, Челзи и голманот".

„А доколку на крајот се случи да не брани, го имаме Аранзубија кој ќе застане меѓу стативите".

Извршниот директор на Челзи, Рон Гурлеј, претходно изјави дека тие со задоволство ќе му дозволат на Куртоа да брани против нив.