24фудбал

Без победник на дербито помеѓу Металург и Вардар

Металург и Вардар одиграа нерешено 2-2 во градскиот дерби натпревар, Брегалница и Турново остануваа на врвот иако не успеаа да победат на домашен терен.

Македонија

Вардар беше на чекор до победа на гостувањето кај Металург, но Крстев со одличен погодок од слободен удар во 89. минута спречи радост за Црвено Црните.

Металург поведе со погодокот на Радески во 20. минута, но пред крајот на првиот дел, новиот фудбалер на Вардар, Бујчевски израмни на 1-1.

На почетокот од второто полувреме Љамчески заработи втор жолт картон, Металург остана со фудбалер помалку.

Вардар поведе во 76. минута преку Аце Стојков, но не успеа да ја одржи предноста до крајот.

Металург е единствениот непоразен во македонското првенство, но тимот на Захариевски има само една победа.

По неуспехот во Ѓорче Петров, нов натпревар за Хоризонт Турново без победа, и овој пат против нов член во елитата, Еуромилк.

Натпреварот во Турново заврши 1-1, Блажевски донесе водство за домаќините во 25. минута, Костенцоски погоди во 47. за голем бод на новајлијата.

До победа не дојде ниту Брегалница која во Штип го пречека тимот на Македонија Ѓорче Петров, натпреварот заврши без голови.

Шкендија ја забележа првата победа оваа сезона совладувајќи го Напредок со 3-2.

Нухиу постигна два гола, еднаш прецизно стрелаше Мазнов, Балази и Маркоски погодија за Напредок.

Гостивар и Пелистер одиграа нерешено 1-1.

Лога погоди за домаќините, Жуниор донесе бод за Битолчани.

Табела по 6 одиграни кола:

1. Хоризонт Турново 11
2. Брегалница 11
3. Вардар 9
4. Ренова 9
5. Пелистер 9
6. Металург 8
7. Работнички 7
8. Шкендија 7
9. Еуромилк 6
10. Напредок 5
11. Гостивар 5
12. Македонија Ѓ.П. 4