24фудбал

Милан ја шокираше Барселона

’Росоњерите’ со трпелива игра успеаа да стигнат до голема победа од 2-0 над Барселона во првиот натпревар од осмина-финалето во Лигата на Шампионите

Лига на Шампиони

Милан важеше за аутсајдер во пресметката со ’Каталонците’ но избраниците на Масимо Алегри вечерва обезбедија одличен резултат во пресрет на реваншот на Камп Ноу.

Барселона го имаше поседот на топката, но гостите не креираа ниту една посериозна шанса за гол, а нивната најголема ѕвезда, Лео Меси беше прилично незабележителен.

Милан со трпелива игра ја чекаше својата шанса преку контра напади, и токму при една таква ситуација Ел Шарави имаше прилака да го отвори резултатот во 15. минута, но напаѓачот си даде предолг фор и му овозможи на Пујол да расчисти.

Од корнерот што следуваше, по голот на Валдес се закани Боатенг, но неговиот удар заврши крај стативата.

На спротивната страна, Чави се обиде со удар од далечина, но Абиати без проблеми одбрани.

Резултатот беше отворен во 57. минута, кога Боатенг одлично реагираше по една одбиена топка, и со прецизен удар од врвот на шеснаесетникот го совлада Валдес.

Фудбалерите на Барса протестираа бидејќи топката го удри Запата во рака, но судијата покажа кон центарот.

Гостите пробаа да се опорават по шокот, најпрво Иниеста биеше крај голот од преку 25 метри, а потоа и Чави се обиде да го совлада Абиати преку слободен удар, но Барса беше немоќна.

На девет минути пред крајот беше поставен конечниот резултат. По една добра акција на Нианг и Ел Шарави, италијанскиот репрезентативец му асистираше на Мунтари за предност на Милан од 2-0.

Ова е голем резултат за ’Росоњерите’, но секако Барселона има капацитет пред своите фанови да ја надмине негативата од два гола.

На вториот денешен натпревар, Галатасарај и Шалке одиграа без победник, средбата во Истанбул заврши 1-1.

Домаќините поведоа преку Бурак Јилмаз во 12. минута, но Шалке успеа да се избори за реми преку Џермејн Џонс во финишот на првото полувреме.

Шалке со голот во гости значително си ги зголеми шансите за пласман во следната рунда, но избраниците на Келер билетот за четвр-финале ќе мора да го потврдат со добра игра и пред своите фанови.