24фудбал

Виланова: Му честитам на Селтик за победата

Тито Виланова му честита на Селтик за победата, но верува дека Барселона не заслужила да загуби на гостувањето во Шкотска

Лига на Шампиони

Селтик вечерва направи големо изненадување, тимот од Глазгов пред своите фанови со 2-1 славеше во дуелот со моќната Барселона.

’Каталонците’ го имаа поседот на топката, креираа голем број на шанси, но се најдоа во негатива од два гола, откако со погодоците на Ванјама и Ват, домаќините стигнаа до водство од 2-0.

Во завршните мигови од средбата, Меси конечно успеа да ја затресе мрежата на Селтик и да намали на 2-1, но немаше време за гостите да сторат нешто повеќе .

По крајот на натпреварот, Тито Виланова му честиташе на Селтик за триумфот, стратегот исто така истакна дека тие не заслужиле да загубат на гостувањето во Шкотска.

„Најпрво, сакам да му честитам на Селтик за триумфот” – рече тренерот на Барса. „Фановите беа спектакуларни, атмоферата беше неверојатна”.

„Пред Селтик да дојде во водство, имавме чиста шанса за гол и мислам дека натпреварот ќе беше многу поразличен доколку ние поведовме”.

„Одигравме добро, креиравме многу прилики за погодок но нивниот голман беше фантастичен”.

„Имавме доволно шанси за да освоиме три бода, мислам дека заслуживме да победиме, но вакви работи се случуваат во фудбалот”.

Пред гостувањето во Шкотска, Тито Виланова истакна дека ова е најважниот натпревар за Барса во преостанатиот дел од годината.

„Останувам на својот став, но за среќа имаме уште два натпревари и доколку победиме на нив, ќе бидеме први во групата”.

„Се е во наши раце”.

Запрашан дали размислува во иднина Барса да го промени стилот, Виланова рече: „Потребно е да продолжиме да играме на ист начин, луѓето сакаат да гледаат ваква Барселона”.

„Точно е дека треба да се подобриме при нафрлените топки, но тоа е тешко со оглед на големиот број на ниски фудбалери кои ги имаме”.

„Мразам да губам, но доколку треба да загубиме, преферирам да загубивме на ваков начин, со добра игра”.