24фудбал

Тошак разочаран од недисциплината на македонските фудбалери

На денешната прес конференција селекторот Џон Тошак го изрази разочарувањето од недисциплината на репрезентативците, но и надежта за добар резултат против Словачка.

Македонија

Македонија во вторник на Арената Филип Втори против Словачка го игра последниот квалификациски натпревар за ЕВРО 2012.

Лоши квалификации за нас кои ги завршуваме на очајното петто место. Тошак не го крие разочарувањето од ситуацијата во репрезентацијата, но се надева дека со добар резултат против Словачка атмосферата може да биде променета.

"Разочаран сум од недисциплината во тимот. Навистина тешко ќе може да се прават резултати ако на секоја средба ви недостасуваат по тројца стандардни играчи" - вели Џон Тошак.

"Еве сега против Словачка поради картони нема да настапат Шумуликоски, Попов и Мирко Ивановски. Тука се и повредите кои за мене се составен дел од фудбалот. Поради повреди нема да можеме да сметаме на Пандев, Даниел Георгиевски, Хасани, Трајковски, на повреда се жали и Муарем...".

"Затоа решивме да повикаме нови играчи, тука се Спировски, Фазли, Димитриевски и попладнево ќе ни се приклучи Стефан Ристовски".

"Се надевам дека ќе составиме добар тим за дуелот со Словачка бидејќи тоа е професионализам и мораме да стоиме цврсто".

"Не сакам да помислам дека некои од играчите намерно прават картони за да поминуваат повеќе време со своите фамилии. Ако е тоа така тогаш треба да си ги спакуваме торбите и да си заминеме".

"Ќе разговараме со играчите и ќе се обидеме да ја поправиме недисциплината бидејќи со таков однос на теренот и редење картони поради протести кај судиите нема да има резултати".

"Наше е да ја снимиме целосната состојба со потенцијалните репрезентативци и добиеме вистинска слика за следните квалификации".

"Неефикасноста е проблем и затоа за дуелот со Албанија во Прилеп ќе ги повикаме и Наумовски, Ристиќ....сите кои тоа го заслужуваат со својот квалитет а потоа бидете сигурни ќе го составиме најдобриот тим".

"Состојбата со македонскиот фудбал ви е јасна и може најмногу еден до двајца играчи да ставите во тим од 11 играчи од домашното првенство".

"Лично мене многу ми недостасува Горан Пандев како играч на теренот но и како капитен, како лидер со кој можеме да разговараме на сите теми и да ги решаваме проблемите. Добро се виде во Русија колку тој значи за оваа екипа".

"Разочаран сум од искусните играчи, но овојпат нема да кажам ништо. Разочаран сум што бев известен за Хасани дека е повреден и ќе паузира две недели а тој одигра 90 минути за репрезентацијата до 21г.".

"Сакам да ги завршиме квалификациите со добар резултат против Словачка. Јасно е дека е тешко да се мотивираат играчите по тежок пораз како во Ерменија, но ние сме професионалци и мораме да се подготвиме максимално за овој дуел" - изјави македонскиот селектор.