24фудбал

Балотели ја однесе Италија во финалето, Германија немоќна

Италија ќе игра во финалето на европското првенство против Шпанија откако со 2-1 славеа над Германија, Марио Балотели е херојот на Азурите.

ЕУРО 2016
Италија во финале, заврши европскиот сон на Германија, тимот на Чезаре Прандели одигра одличен натпревар против фаворизираниот тим на Панцирите и сосема заслужено се радува на успехот.
 
Марио Балотели со два постигнати гола е херојот на Италија, проблематичниот напаѓач ја покажа својата класа.
 
По серијата успешни резултати, Германија влезе самоуверено во полуфиналето, но на теренот изгледаше немоќно пред расположената Италија.
 
Германците започнаа добро, први се заканија кон противничкиот гол, Хумелс имаше можност, Андреа Пирло вадеше од гол линијата.
 
Резултатот беше отворен во 20. минута кога по убава асистенција на Касано, Балотели постигнува гол со глава за водство на Италија од 1-0.
 
Постигнатиот гол влеа дополнителна самодоверба кај Италијаните, Германците изгледаа збунето по водството на противникот.
 
16 минути подоцна нов шок за Германија, лоша интервенција на одбраната, Балотели излезе сам пред Нојер и ја заби топката во неговата мрежа за сигурна предност од 2-0.
 
Во вториот дел Германија додаде на офанзива, но Италија одлично се бранеше и имаше неколку прекрасни можности преку контра напади.
 
Доколку имаа подобра завршница Диаманти, Маркисио и Ди Натале, Италија можеше да слави поубедлива победа.
 
Во 92. минута трошка надеж за Германија, Балзарети играше со рака во сопствениот шеснаесетник, судијата покажа на белата точка.
 
Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Озил, Германија намали на 2-1 но немаше време за израмнување.
 
На крајот Италија сосема заслужено се радува на уште еден голем триумф над Германија.