Убедлив триумф за „кралско-сините“
Натпреварот меѓу АЕK Ларнака и германскиот Шалке 04, беше решен уште пред паузата меѓу двете полувремиња откако фудбалерите на Хуп Стивенс во период од само 18 минути дури три пати ја тресеа мрежата на противникот.
Луис Холтби во 22-та мунута прв го скрши отпорот на домаќините, за потоа Хунтелар и Матип само да го зголемат водството на Германците. Во вториот дел, Дракслер зголеми на 0-4 додека со својот втор погодок на мечот Хунтелар ги постави конечните 0-5.
„Одлична победа за нас која ни покажува дека сме на вистинската патека во Лигата на Европа. Ни фали само уште една победа за сигурен пласман во следната фаза но нашата цел е да останеме на лидерската позиција во оваа група. Со добра игра успеавме да постигнеме дури 5 голови поради кои можеме да бидеме многу задоволни“- изјави менаџерот на Шалке, Хорст Хелд.
По овој натпревар, Шалке со 7 бода е лидер во групата „Ј“ пред Макаби Хаифа која благодарение на триумфот над Стеауа од 5-0 стигна до 6 бода. Со само 2 освоени бода Стеауа е на третото место додека АЕК Ларнака е на дното на табелата со само 1 бод.
