Милан вечерва ја пречекува Барселона во најатрактивниот четвртфинален двобој од Лигата на Шампионите.
Масимо Алегри има доста проблеми да го состави најдобриот тим, нема да може да смета на услугите на Ван Бомел кој е суспендиран, а надвор од стројот поради повреди се Тиаго Силва, Абате и Пато.
Но стратегот на Росоњерите вели дека неговите фудбалери се подготвени за предизвикот наречен Барселона.
"Подготвени сме за овој предизвик. Ќе биде тешко во четвртфиналето против најдобриот тим во Лигата на Шампионите, треба да одиграме одличен натпревар" - изјави Алегри на прес конференцијата пред натпреварот.
"Претходните два натпревари против Барселона беа многу различни. На првиот (2-2) кој се одигра на Камп Ноу бевме подефанзивни, на оној на Сан Сиро (3-2) бевме поотворени, имаше многу шанси и на двете страни".
"На Сан Сиро превземавме поголем ризик и имавме повеќе грешки во одбраната, тоа не смееме да си го дозволиме против тим како Барселона".
"Ова ќе биде многу интересен дуел и не ни е потребна дополнителна мотивација. Подготвени сме".
"Меси е во фокусот на тимот кој игра одличен фудбал. Треба да посветиме внимание на тоа и да одиграме добро во дефанзивата, но треба да имаме и офанзивен приод и да играме мотивирано".
"Доколку сакаме да одиме во полуфинале, треба да постигнеме голови".
"Не постои резултат кој би бил перфектен. Во Лондон за малку ќе бевме елиминирани а дома победивме со 4-0. Овој натпревар на Сан Сиро е најважен за нас и не смееме да си дозволиме грешка, патиникот во полуфиналето ќе се решава на реваншот".