24фудбал

Гвардиола: Потребно е да постигнеме гол на Сан Сиро

Пеп Гвардиола вели дека од голема важност е Барса да постигне погодок на Сан Сиро, и додава дека неговите избраници ќе треба да одиграат два одлични натпревари за пласман во полу-финале

Лига на Шампиони

Каталонците веќе гостуваа во Милано оваа сезона и славеа со 3-2 во натпреварот од групната фаза.

Но Пеп Гвардиола е свесен дека денешниот дуел ќе биде многу поразличен бидејќи се работи за пресметка во нок-аут рундата.

“Среќен сум што се враќам во Италија за голем натпревар против Милан.” – рече Гвардиола.

“Сан Сиро е еден од најисториските стадиони во европскиот фудбал, а Милан е еден од најдобрите тимови во светот.”

“Во четврт-финале од Лигата на Шампионите, со противник како Милан, морате да одиграте два одлични натпревари или во спротивно ќе доживеете елиминација.”

Стратегот на Барса потоа додаде: “Очекувам да го видам најдобриот Милан. Тие имаат многу опции и ќе одат на победа.”

“Тие се помеѓу најдобрите тимови во светот, и во своите редови имаат неколку одлични фудбалери, како Златан Ибрахимовиќ.”

“Ибра е од голема важност за Милан, кога тој ќе ја добие топката, целиот офанзивен механизам на тимот се уфрла во игра.”

“Тој е незапирлив во вoздушните дуели. Потребно е да го деактивираме Ибра и Милан, со задржување на топката во наши нозе.”

Ибра го обвини Пеп за неговото заминување од Камп Ноу по само една година помината во Барса, но стратегот не сакаше да навлегува во ваква дебата.

“Ибрахимовиќ беше многу важен фудбалер за нас. Тој ни помогна многу, и неговите први шест месеци беа одлични. Тој има голем удел во титулата од Ла Лига што ја освоивме таа сезона.”

“Ова нема да биде дуел Ибра против Барса, бидејќи ние играме против Милан, клубот со најмногу интернационални трофеи.”

Гвардиола потоа се пошегува со новинарите, откако му беше поставено прашање за начинот на кој ќе игра Барселона.

“Ќе се браниме со седум фудбалери во одбраната, сите ќе висат на пречката. Мислам дека нашиот стил на игра е познат” – прокоментира стратегот со насмевка на лицето.

“Не знам дали ќе играме со тројца или четворица дефанзивци, тоа зависи од многу фактори, ќе одлучиме пред почетокот на средбата.”

“Нашата главна цел е да постигнеме погодок, знаеме колку може да биде важен голот постигнат во гости.”