Пандев и Наполи го напаѓаат Челзи, Реал гостува во студената Москва
Наполи го пречекува Челзи на Сан Паоло, Реал Мадрид гостува кај ЦСКА во студената Москва.
Горан Пандев и Наполи го пречекуваат Челзи на Сан Паоло во голем дерби натпревар од 1/8 финалната фаза во Лигата на Шампионите.
По извршената ждребка за 1/8 финалните натпревари, Челзи беше тимот кој важеше за фаворит во овој дуел, но моменталната форма и атмосфера во екипите вели дека сега блага предност има тимот на Наполи.
Домаќините во овој натпревар влегуваат по убедливата победа од 3-0 во Фиренца.
Челзи игра очајно, тимот на Андре Вилаш Боаш нема победа на последните четири натпревари, а во саботата одигра само 1-1 против второлигашот Бирмингем.
Проблем за Наполи може да биде суспензијата на Валтер Мацари, кој и двата дуели против Челзи ќе мора да ги следи од трибините.
Очекувањата се дека во стартниот состав на Наполи ќе се најде напаѓачкото трио Хамшик, Кавани и Лавеци, Горан Пандев би требало да влезе од клупата за резервни фудбалери.
За разлика од најголемиот дел од италијанските екипи, Наполи е тим кој под водство на Мацари игра офанзивен фудбал, се очекува тоа да го видиме и на вечерашниот дуел против Челзи.
Челзи веројатно ќе настапи без капитенот Џон Тери кој сеуште не се опоравил од повредата, синоќешниот тренинг во Москва не го одработил со полна пареа.
Новата тактика на Андре Вилаш Боаш никако да им легне на фудбалерите на Челзи, но тоа е тим составен од искусни играчи кои секоја година играат во Лигата на Шампионите, па сите параметри наговестуваат неизвесен двомеч.
За разлика од овој натпревар, на дуелот помеѓу ЦСКА Москва и Реал Мадрид јасно е кој е голем фаворит.
ЦСКА во оваа пресметка ќе влезе без првенствени натпревари, бидејќи новата сезона од Руското првенство сеуште не е започната.
Домаќините се соочуваат и со голем број на повредени фудбалери, па само студеното време и вештачката трева на стадионот одат во нивен прилог.
Реал Мадрид во 1/8 финалето влегува по фантастичниот скор во групната фаза во која ги доби сите натпревари и прими само еден гол.
Кралскиот клуб игра одлично и во Примера, во последното коло славеше рутинска победа од 4-0 и нема големи проблеми со повредени фудбалери.
Реал Мадрид е голем фаворит во овој дуел и се очекува тоа да го покаже уште на првиот натпревар во Москва.
