Мурињо: Да го победиме студот во Москва
Жозе Мурињо вели дека важно за неговиот тим на утрешното гостувањето во Москва е да ги надминат необичните услови за игра, студеното време и теренот со вештачка трева.
Реал Мадрид утре на -10 степени ќе и се спротистави на ЦСКА во Москва на првиот 1/8 финален натпревар од Лигата на Шампионите.
Жозе Мурињо има пофалби за тимот на ЦСКА Москва, но вели дека многу важно е да се победат и тешките услови за игра.
"Пред да започнам да одговарам на прашањата би сакал да му честитам на нашиот кошаркарски тим кој ја победи Барселона во финалето" - Мурињо ја започна прес конференцијата со честитка за КК Реал Мадрид кој го освои Купот на Кралот.
"Утре треба да бидеме посилни од условите за игра, на вештачка трева и температура од -10 степени, што е нешто ново за сите нас".
"Не сме во можност да се подготвиме за условите кои не чекаат, па треба психолошки да се подготвиме, да бидеме посилни. Нашата цел е позитивен резултат, победа или реми со голови".
"Со ЦСКА сум се соочил со Интер и со Челзи. Многу од фудбалерите на ЦСКА со години играат заедно и меѓусебно се знаат многу добро, надополнети со новајлиите како Доумбиа и Муса".
"Не е ништо ново ако кажеме дека ЦСКА игра во елиминациите од Лигата на Шампионите секоја година. Тоа ја покажува силината на клубот".
"Една од нивните најсилни точки е дефанзивата, се сеќавам колку тешко ни беше со Интер да постигнеме гол".
"Тие се многу добри во дефанзивата, и силни се и фудбалерите физички и тактички им се добро подготвени".
