Милан го прегази Арсенал со 4-0
Во три последователни настапи во осминафинале од најелитното Европско натпреварување, Милан доживуваше елиминација од клубови од Англија
Но ’Росоњерите’ се на добар пат да ја срушат оваа лоша традиција, и може да се каже дека актуелниот шампион на Италија сега со едната нога е во четвртфинале.
Вечерва на Сан Сиро, Милан го надигра Арсенал и заслужено славеше со високи 4-0.
Гол серијата ја отвори Кевин Принц Боатенг, кој во 15. минута постигна мошне атрактивен погодок. По додавањето на Ночерино, Боатенг со полу-волеј биеше неодбранливо под пречката, и му донесе на Милан водство од 1-0.
Во 38. минута, домакините веќе имаа предност од два гола. По еден брз против напад, Ибра одлично го проигра Робињо кој со глава од пет метри го совлада Шчезни.
Истиот фудбалер на стартот од вториот дел зголеми на 3-0 со прецизен удар од врвот на шеснаесетникот.
Во 79. минута, судијата покажа на белата точка по стартот на Џуру врз Ибрахимовиќ, а токму шведскиот репрезентативец прецизно биеше од белата точка и ги постави конечните 4-0.
Арсенал одигра под своите можности на Сан Сиро, и избраниците на Арсен Венгер креираа премалку шанси за погодок. Ван Перси опасно се закани во два наврати, но Абиати беше на висината на задачата и не дозволи да биде совладан.
’Топџиите’ исто така можеа да доживеат поголем дебакл, доколку Емануелсон и Пато ги искористеа креираните шанси во судиското надополнување.
