Агентот на Тевез: Најверојатно Карлос ќе остане во Сити
Аргентинскиот репрезентативец се надеваше дека ќе го напушти Манчестер Сити во текот на зимскиот преоден рок.
Агентот на Карлос Тевез одржа преговори со Милан, Интер и ПСЖ, но сеуште не е постигнат договор за трансфер на напаѓачот.
Во разговор за talkSPORT Киа Јорабчиан вели дека најверојатно Тевез ќе мора и следните шест месеци да ги помина на Етихад Стадионот.
“Преговаравме со три големи клубови, но мислам дека тие не доставија понуда што е задоволувачка за Манчестер Сити.” – рече агентот на Тевез.
“Карлос ќе остане во Манчестер Сити се до крајот на сезоната. ’Граѓаните’ сакаат да го продадат фудбалерот но само под одредени услови.”
Јорабчиан потоа додаде: “Летоска ќе имаме многу поголем број на опции. Во моментов сите големи клубови бараат фудбалери кои можат да играат во Лигата на Шампионите.”
“Карлос не може да игра во Лигата на Шампионите, и тоа е голема пречка. Трошите голема сума на пари за негов трансфер и плата, а фудбалерот не може да игра во ЛШ.”
“ПСЖ? Тие сакаат да изградат долгорочен проект и мислам дека е шест месеци прерано за да го ангажираат Тевез.”
“Но големи се шансите тој да се пресели во Париз по крајот на сезоната.”
Во меѓувреме, медиумите од Италија велат дека Милан и Манчестер Сити продолжуваат со преговорите и сеуште постои надеж дека Тевез ќе се пресели на Сан Сиро овој месец.
