Тошак најавува подобри денови за македонската фудбалска репрезентација
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Џон Тошак е оптимист, верува дека пред нас се многу подобри резултати.
Џон Тошак денес одржа прес конференција на која ги соопшти плановите за подготовки за следниот квалификациски циклус.
"Видов доволно играчи кои конкурираат за составот на најдобриот тим и затоа во наредниот период ќе селектираме околу 24 играчи плус тројца голмани и во овој круг ќе влезат само играчи кои ќе потврдат дека го имаат потребниот квалитет" - вели Тошак.
"Мислам дека одигравме солидни натпревари со исклучок на дуелот во Ерменија. Уште еднаш потенцирам дека за да ги постигнеме посакуваните резултати ќе мора на располагање да ја имаме онаа група од 6-7 искусни интернационалци како Пандев, Тричковски, Новевски, Шиков, Шумуликски, Ибраими...".
"За тоа ќе ни треба среќа со повредите но и ќе мора да ја поправиме дисциплината во тимот на теренот. Македонија е на врвот во Европа по бројот на заработени жолти и црвени картони што на секој натпревар значи отсуство на 3-4 стандардни играчи што е премногу".
Џон Тошак беше присутен и на вчерашниот натпревар на репрезентацијата на Македонија до 21 година која ги одмери силите со Италија У20.
"Во младиот тим има неколку играчи, пред се Стефан Спировски, Стефан Ристовски, Фазли... кои располагаат со потенцијал и ќе сметам на нив. Штета е што не играат стандардно во нивните тимови".
"Добро е и што Хасани замина во Волфсбург, во Бундес лигата каде ќе напредува на физички и технички план".
"Проблем е што се поклопуваат термините со селекцијата до 21г која игра квалификации за ЕП но би било добро за нас тие да настапуваат стандардно со што ќе добиеме и ние на квалитет".
Кон крајот на месец мај, селекторот планира десет дневни подготовки во некој тренинг центар во Европа каде што би одиграле и 2-3 пријателски натпревари.
"Можеби е варијанта да одиграме мини-турнир со БиХ и Словенија со што би тестирале со противници со сличен квалитет како што се нашите противници Хрватска и Србија. Групата во која играме е навистина израмнета".
"Дури за мене еден Велс со нов селектор кој одлично го познавам може да биде и фаворит според квалитетот бидејќи во своите редови им дури 16 репрезентативци кои играат во Премиер лигата. Очекувам многу дерби натпревари како Велс-Шкотска, Србија-Хрватска...".
"Добро е што по завршувањето на квалификациите работите одат во добра насока. Голем дел од репрезентативците играат во своите клубови и постигнуваат голови што ќе донесе квалитет во ефикасноста и во репрезентацијата".
"Гледам со ракометните случувања , и претходно кошарката дека Македонија е спортска нација, сака спорт, сака успеси . Се надевам дека ќе ја вратиме публиката на стадионот и знам дека за тоа се потребни само победи".
"Во претходните квалификации Македонија беше како авион кој паѓа од висините, а сега очекувам да се вивне".
