24фудбал

Илија Несторовски: Секогаш верував дека ќе успеам!

Во интервју за 24 Фудбал, новиот Македонец во Серија А (од лето), говори за новите предизвици кои се пред него, Палермо и настапите за македонската репрезентација.

Интервју

Кога од Словацко се врати во Македонија да играш за Металург, што секако беше чекор назад, дали веруваше дека сепак еден ден ќе успееш и ете ќе стигнеш и до многу поголема лига од чешката?
- Од секогаш сум верувал во моите способности и покрај тоа што се вратив во Македонија знаев дека можам да напредувам и да направам добра кариера.

Која е главната причина што во Хрватска толку многу ја подобри формата?
- Во Интер бев многу добро прифатен од соиграчите, а во лигата се негува и напаѓачки фудбал што многу ми одговара, па не ми беше тешко брзо да се прилагодам и да почнам да прикажувам добри игри.

Разликата помеѓу хрватската и италијанската лига е сепак огромна. Колку време мислиш дека ќе ти биде потребно да се адаптираш?
- Од моментот кога потпишав со Палермо со мислите веќе почнав да се адаптирам на италијанскиот фудбал. Се надевам дека брзо ќе се вклопам во новата средина слично како што беше случај и во Интер.

Дали сега си почесто во контакт со Трајковски? Тој на пример имаше добри партии, но сè уште не е првотимец.
- Во контакт сум со Трајковски, сега почесто се слушаме. Разговараме за случувањата во Палермо. Трајковски во последно време скоро на секој натпревар добива шанса и игра одлично ја користи укажаната доверба.

Во Интер играш како центарфор. Дали на таа позиција најдобро се снаоѓаш или можеш да дадеш сличен ефект и на други позиции? Дали од мал си бил напаѓач?
- Па да, најдобро се снаоѓам како напаѓач и од кога знам за себе сум напаѓач. Но, секогаш сум подготвен да одговорам на друга позиција бидејќи за еден напаѓач најважно е да биде во игра.

Колку долг договор ти понудија од Палермо?
- Потпишав четири годишен договор со тимот од Сицилија.

Беше дел од последните натпревари на репрезентацијата. Што мислиш за квалификациите за Мундијалот во Русија?
- Мислам дека со доаѓањето на новиот селектор работите тргнаа на позитивно. Полека се враќа добрата атмосфера во репрезентација и верувам дека ќе се покажеме во квалитетно издание во новите квалификации за Мундијалот во Русија.

Во репрезентацијата постигнувањето голови оди тешко. Од она што го искуси до сега, со кој напред најдобро ти лежи играњето?
- Најважно е Македонија да победува, а кој и со кого игра е најмалку важно. Било да игра треба да истрча на теренот и да го даде најдоброто за репрезентацијата.

Автор: Филип Здравески