24фудбал

Гвардиола, Клоп, Мурињо, Венгер..., почетокот на идната сезона во Премиерлигата со нетрпение ќе се чека!

Атрактивната Премиерлига од наредната сезона ќе добие елитен тренерски шмек, збир на врвни имиња во една лига како никогаш досега.

Англија

Гвардиола кој доминираше со Барселона во Шпанија и Европа, но како тренер на Баерн Минхен немаше сериозна конкуренција во Бундеслигата, ќе се проба во Англија, можеби досега најтешкиот предизвик за него. Манчестер Сити денеска го потврди неговото име и стави крај на сите дилеми околу иднината на Пеп.

Силни се гласините дека во црвената половина на Манчестер главен ќе биде Жозе Мурињо, тоа значи и обновување на ривалството помеѓу Португалецот и Гвардиола. 

Ливерпул со Јирген Клоп би требало да биде многу поконкурентен следната сезона откако германскиот стратег ќе добие летен преоден рок и полни подготовки со тимот.

Арсен Венгер ќе треба дополнително да го засили Арсенал и да ја направи уште поинтересна борбата со своите тренерски ривали.

Непознаница е кој ќе биде на клупата на Челси, се шпекулира со повеќе имиња, Диего Симеоне, Антонио Конте, Масимо Алегри... но сеуште нема кандидат кој јасно се одвојува од другите.

Како и да е, факт е дека големите тренерски битки ќе ја направат Премиерлигата уште попривлечна за гледање, почетокот на идната сезона со нетрпение ќе се чека.