24фудбал

Фергусон го сакал Гвардиола за свој наследник

Сер Алекс Фергусон открива дека Дејвид Мојс не бил неговиот прв избор за менаџерското столче на Манчестер Јунајтед, Ферги го сакал Пеп Гвардиола за свој наследник

Англија

Во својата нова книга ’Leading’, Шкотот вели дека имал средба со Пеп Гвардиола во 2012, и побарал од Шпанецот да го контактира кога ќе добие понуда од друг клуб.

Но тоа никогаш не се случило, а Пеп Гвардиола се договори со Баерн Минхен и го превзеде кормилото на ’Баварците’ во 2013.

„Имав средба со Пеп Гвардиола во Њујорк во 2012, но не можев да му дадам конкретен предлог бидејќи во тоа време сеуште немав одлучено дека одам во пензија” – напиша Сер Алекс Фергусон.

„Тој веќе имаше освоено огромен број на трофеи со Барселона, и јас имав голема почит кон него”.

„Го замолив Пеп да ми се јави пред да прифати понуда од друг клуб, но тој не го стори тоа и подоцна потпиша за Баерн Минхен во јули 2013”.

Ферги, кој ги советуваше сопствениците на Манчестер јунајтед за тоа кој да биде негов наследник, исто така вели дека на листата со желби биле и Жозе Мурињо, Карло Анчелоти, Јирген Клоп како и сегашниот менаџер на ’Црвените Ѓаволи’, Луј ван Гал.

„Во животот понекогаш идеалните теории не можат да се применат во пракса”.

„Верувајте ми, бордот на Јунајтед сакаше да ангажира менаџер кој ќе биде со клубот долги години”.

„Кога го започнавме процесот за потрага на моја замена, увидовме дека неколку кандидати не се достапни”.

„Жозе Мурињо веќе му имаше дадено збор на Роман Абрамович, а Карло Анчелоти требаше да го наследи него во Реал Мадрид”.

„Исто така знаевме дека Јирген Клоп беше среќен во Борусија Дортмунд и имаше намера да стави потпис на нов договор”.

„Луј ван Гал седна на селекторското столче на Холандија и сакаше да ги предводи ’Лалињата’ до трофеј на СП 2014”.

Манчестер јунајтед на крајот го назначи Дејвид Мојс за нов менаџер, стратегот доби шест годишен договор, но на жешкото столче на Олд Трафорд издржа помалку од 12 месеци.